Новогодишни колачиња со ѓумбир

Ова се слатки и вкусни ѓумбир колачиња, совршени за празничните денови.

Photo by Larisa Birta on Unsplash

Потребни состојки:

2 јајца

350 гр брашно

100 гр путер

1 портокал

1 голема лажица какао

2 големи лажици мед

5 големи лажици шеќер

1 мала лажица ѓумбир во прав

малку цимет

малку морско оревче

малку ванилин шеќер

малку сол

половина кесичка прашок за пециво

Глазура:

200 гр шеќер во прав

1 голема лажица цеден лимон

1 белка од јајце

бои (по желба)

Начин на подготовка:

Во еден голем сад го ставаме брашното, а потоа ги додаваме какаото, шеќерот, солта, ванилата и зачините. Се додава путерот кој треба да биде омекнат или стопен, а потоа и јајцата, медот, сокот од портокал. Додадете и рендана кора од портокалот.

Од сите состојки се замесува тесто. Потребно е да се измеси добро за да се соединат сите состојки. 

Завиткајте го во кеса или најлонска фолија и потоа ставете го во фрижидер да отстои околу еден час. Штом го извадите од фрижидер, исукајте кора во висина од 1 см. Се сечат модли кои потоа се поставуваат на хартија за печење во сад за печење. Во меѓувреме додека го правите тоа, загрејте ја рерната на 180 степени. Штом се загрее рерната, ставете ги да се печат околу 10 минути, штом добијат убава боја. 

Photo by Casey Chae on Unsplash

Глазура:

Со миксер се мати белката, а потоа се додава шеќерот во прав, па сокот од лимон. Измешајте убаво за да добиете хомогена смеса. Ако смесата не е доволно густа, додајте уште малку шеќер во прав. Ако сакате шарени и украсни колачи, додадете и бои. Глазурата се става на изладени колачиња.