Нови правила: Кафеанџиите ќе мора да кажуваат дали храната има алергени

Угостителските објекти ќе мора да обележат во менијата доколку во храната што ја продаваат и послужуваат има алергени. Оваа обврска се воведува од 13 мај, кога стапуваат во сила новите правила за декларирање од Правилникот за означување на храната, а кои се усогласени со европските стандарди. Казните за непочитување на новите правила се движат до 10.000 евра и повлекување на целата палета производи што не се декларирани според пропишаните услови, пишува Нова Македонија.

- Задолжително треба да се наведат информации за супстанции што предизвикуваат алергиски реакции. Ова се однесува на храна што се продава во ресторани, пабови и кафулиња. Информациите може да бидат означени на менито, на табли, на карти или да бидат вербално пренесени од персоналот на објектот - велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Оттаму објаснуваат дека угостителите сами треба да си го изберат начинот на кој ќе ги информираат потрошувачите за алергени во храната. Тие може да ги запишат алергените во мени или на табла. Исто така може да внесат порака или да обележат на табла за потсетување потрошувачот да праша дали има алергени и кои, а потоа персоналот да даде одговор. Но во тој случај персоналот треба да биде едуциран за да може да објасни.

Од средината на мај нови правила важат и за спакуваната храна што се продава. Агенцијата за храна определи дека информации што треба да бидат означени со зборови и со броеви се: името на храната, список на состојки, секоја состојка во храната што може да предизвика алергиска реакција кај луѓето (со здебелени букви), количество состојки, нето-количество храна, рок на употреба, посебни услови за складирање, име и адреса на операторите со храна, земја на потекло, упатство за употреба.

Минималната големина на буквите треба да биде 1,2 милиметар, за да бидат видливи за потрошувачите што ќе се информираат за производот што сакаат да го купат. Треба да биде наведена и јачината на алкохол по волумен (доколку содржи повеќе од 1,2 отсто алкохол). Од 13 декември 2016 година ќе треба и да се означат нутритивните својства на храната.