(Не)одговорност на дело: Со парите на граѓаните „Комунална хигиена“ убедува дека градот е чист

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ молчи за тоа колку чини ангажирањето адвокатска компанија која по барање од директорот има обврска да врши притисок врз медиумите, да ја попречува нивната работа и да убедува дека градот е чист.

Станува збор за адвокатската канцеларија „Панова“, односно за адвокатот Билјана Панова, која по објавена фотографија од Скопје со наслов „Го униште Скопје, до кога вака?“, најпрво до нас достави барање за извинување, а потоа побара и објавување демант за споменатата фотографија. 

Во дописот доставен до Скопје Инфо тие тврдат фотографии од ѓубрето во Скопје се невистинити и навредливи. Најпрво, тоа не е така, но тоа е спорно е што конкретното барање за извинување и демантирање на информацијата е направено и платено со пари на граѓаните. Односно јавното претпријатие „Комунална Хигиена“ ангажира и со пари на граѓаните плаќа приватна адвокатска која треба јавноста да ја убеди дека Скопје е чисто и дека фотографиите се неточни.

Само за потсетување и вчера на истата локации имаше купишта смет, кој граѓаните секојдневно го забележуваат и не се потребни фотографии за истото.

Во меѓувреме испративме прашања до адвокатската канцеларија и до јавното претпријатие „Комунална Хигиена“ за тоа што е клеветничко во објавување фотографија од ѓубрето во Скопје, колку чини изготвувањето на барање за извинување и демантот, воедно побаравме и увид во фактурите кои локалното јавно претпријатие ги плаќа на адвокатската канцеларија, за таа да врши притисок и да ја попречува работата на новинарите. И покрај тоа што тврдат работат „транспаретно“ одговор на нашите новинарски прашања не добивме. 

Потсетуваме кодексот на новинари е јасен и во него стои дека Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата. Во конкретниот случај, фотографијата е направена лично од новинар на Скопје Инфо, истата е веродостојна, а јавното претпријатие „Комунална Хигиена“ не успеа да обезбеди докази дека фактичката состојба е поразлична од тоа што е таму прикажано. Воедно, и денес и вчера фактичката состојба е таква, каква што Скопје Инфо ја презентираше пред повеќе од една недела.

На крајот апелираме до адвокатите и јавните претпријатие да се воздржат од вршење притисок и мешање во работата на медиумите. Нашата заедничка цел е Скопје да биде убав град и енергијата која тие ја трошите за притисоци, лажни деманти и барања за извинувања, попродуктивно ќе биде да ја насочат во таа цел. 

Никој нема да ви замери, доколку нашите пари ги трошите за поубаво Скопје. Но, за жал парите на граѓаните се потрошени за деманти, барања за извинувања, а ѓубрето се уште стои на посочената локација.