Нашите цврсти мајки...

Можеби додека растевме ни беше потребно малку повеќе нежност, од онаа која се покажува, можеби понекогаш ни беше потребна малку повеќе поддршка и пофалби, но сѐ останато горе-доле беше во ред.

Строги родители, ред кој важеше за сите, пристојно однесување дома и особено пред другите, почитта кон постарите, кон учителите и учителките. Баш размислувам на темава во изминатите неколку денови, особено по еден разговор со мој пријател. Нашите родители воопшто не се занимаваа со нас на начинот на кој ние се занимаваме со нашите деца.

Не се сеќавам дека мајка ми некогаш ме прашала дали сум среќна. Тоа претпоставувам дека се подразбираше. Одиш на часови и кога ќе го завршиш домашното, можеш да си играш. И да гледаш цртани пред вестите, а потоа, со книгата во рака, одиш во кревет.

Кога на мама и тато ќе им дојдеа роднини, децата само се поздравуваа и потоа си одеа во соба. Тортата не се ни пипнуваше пред да дојдат гостите. И никогаш ништо не си ни барал, освен за роденден и Нова Година.

Ги завршувавме училишните години без приватни професори. Без никаква помош. Кога станавме студенти, се натпреварувавме кој повеќе ќе работи преку различните студентски сојузи, здруженија, организации, итн. Одевме да береме праски на село. На море одевме со автобус. Од ноќните излегувања се враќавме со последниот автобус или пешки. Другарите нѐ испраќаа до дома. Имавме зимски и летни фармерки, зимски и летни чевли. Не ги психоанализиравме нашите родители, ниту пак тие нѐ психоанализираа нас. Со леснотија нѐ казнуваа и тоа за наше добро. И не им се лутевме предолго.

Кога ние добивме деца, сакавме да бидеме подобри од нашите родители. Понежни, повнимателни, попожртвувани. Не сакавме децата да ни плачат, да бидат незадоволни, да им биде тешко. Не сакавме да се плашат од нас. Не дозволувавме нешто да посакуваат, затоа што имаа сѐ и сѐ им беше достапно. Не бевме ни приближно доследни како нашите мајки, не казнувавме, ниту дававме практични лекции и им покажувавме на нашите деца дека умееме да бидеме и слаби. Дека умееме да бидеме и егоцентрични, а понекогаш и егоистични.

Понекогаш се однесувавме кон нашите деца како и ние самите да сме деца. Како да сме им другари и другарки. Како децата да се наши мали живи играчки. Тоа е сѐ убаво, но нашите деца, како што вели една моја другарка, растеа без структура. И сега, тоа го забележувам насекаде околу себе, ние како родители, ментално и емоционално, сѐ уште не ги пуштаме нашите деца. Ги давиме со прашања од типот на тоа како се расположени, дали се среќни, а не смееме да ги прашаме најобични прашања кои порано се подразбираа како: „Зошто не завршуваш факултет?“, „Зошто не бараш работа?“ или „Зошто спиеш до пладне?“

Да се биде родител е најсериозна работа на свет и дури и сега немам поим кој е подобар концепт: нашите цврсти мајки или нивните попустливи и несигурни ќерки?