До сите мајки кои имаат 40+ години: И јас сум скршена...

Се сеќавам на една епизода од серијата „Сексот и градот“ која ја гледав кога имав триесет и нешто години и ги доев моите близнаци. Саманта зборуваше за тоа колку ослободувачки се 40-тите години сега кога има сѐ што сака во животот: кариера, самодоверба, пари, добар секс и супер пријателки. Иако не бев заинтересирана да ги повторувам нејзините сексуални авантури, остатокот од тоа што го кажуваше делуваше примамливо. Како што се приближуваше 40-ката, гледав како пријателите кои пред мене го поминаа овој праг прават нешто во врска со својот живот. Некои ослабеа 15 килограми, некои променија кариера или отидоа на егзотични патувања. И тие ме мотивираа и ме инспирираа дека и за мене ќе биде така. 

Со оглед на тоа дека 30-тите ми поминаа во бремености, доење и трчање по деца, 40-тите се наближуваа и јас се радував на сѐ што оваа деценија ќе ми донесе во животот. Навистина уживав во времето со моите деца, но бев подготвена и да се фокусирам малку на себеси. И тогаш, еден месец пред мојот 40 роденден, на една моја многу драга пријателка ѝ беше дијагностициран рак. Ништо од тоа не беше „супер“. И како полека се приближувам кон средината на деценијата, со леснотија можам да кажам дека 40-тите воопшто не беа нежни со мене. Во 40-тите добив болест која ми го уништи видот и психата. Беа исполнети со загуби, многу драги пријатели и членови на семејството починаа и ми недостасуваат секој ден. 40-тите ми донесоа многу предизвици во мојот брак и родителство и во сѐ што беше поврзано со мојата самодоверба во животот. 

Моите 40-ти содржеа многу скршени коски, скршени односи, скршен дух. И не сум единствена која се чувствува така. Моите пријатели ја споделуваат својата болка предизвикана од разводи, лични загуби, непрестајна агонија од растргнатоста помеѓу грижата за постарите сакани членови на семејството и воспитувањето на активни деца. Веќе пет години се борев против овие болни чувства и ги ограничував. Се чувствував виновна што не сум благодарна за сите прекрасни луѓе и добрини во мојот живот. Додека се борев да ги поттиснам овие чувства, отупев и ја намалив болката, но и задоволството. 

Бев на врвот на мојот живот, но никогаш не сум се чувствувала толку ужасно. Никогаш не сум била подебела, побезволна и во полоша форма. Никогаш не сум била толку несигурна во однос на воспитувањето на децата како сега кога веќе се тинејџери и млади луѓе. Никогаш не сум се трудела толку да го зачувам сето тоа, а сепак секој ден не успевав во нешто. Но, покрај сите болки и предизвици и тестови кои овие години ми ги донесоа, исто така е факт дека никогаш не сум била посреќна. 

Луѓето кои ги сакам сѐ уште имаат проблеми со здравјето, јас се борам да најдам рамнотежа помеѓу работата и животот кој му одговара на моето семејство, моите односи со луѓето се понекогаш лизгави и несигурни, а постојано морам и да го убивам чувството да вина и несигурност. 

Но, во 40-тите конечно научив да кажувам НЕ на барањата кои одат во спротивност со мојата личност, на случувањата кои не ме интересираат, а понекогаш и на моите пријатели и семејство, сѐ со цел за да имам повеќе контрола над сопствениот живот. Конечно научив да кревам раце од некои работи, од злобни луѓе кои не сакаат да помогнат, туку да им наштетат на другите и сфатив дека тука не се работи за мене. Понекогаш се впуштам во расправа, понекогаш – не. Двете опции се во ред, ниту една не е погрешна. 

Конечно научив да го стиштувам мојот ум и да се фокусирам на она што ми е пред носот – како ќерките и мажот, моите страсти и идни активности. Прекрасно е да бидеш задоволен. 

Конечно, зад себе ги оставив работите кои ми се случија и првпат тие повеќе не ме дефинираат. Тие едноставно се дел од мојата приказна. Научив дека болката е дел од животот и дека негирањето на тоа, отфрлањето, осудувањето е исто што и отфрлање на самиот живот и среќа. И конечно, сфатив дека она што не ме убива, не мора да значи дека ќе ме направи  посилна и дека не мора да научиш нешто, ниту да бидеш благодарен. Понекогаш е доволно само да проживееш низ нешто што е тешко. 

Моите 40-ти се фантастични...

Често доцнам, панталоните ми се претесни, состојбата на мојата пријателка со ракот не се подобрува, светот и натаму е луд, а моите скршени коски и дух сѐ уште се залекуваат.

Но, од сето ова научив да се препуштам на фантастичните моменти и да се фокусирам на нив. И избирам да бидам среќна. Само затоа што одлучив дека време е повторно да бидам среќна.