Наместо барок „Пелагонија“ ќе го добие стариот изглед

Дел од објектите кои гравитираат околу плоштад Македонија, ќе бидат поштедени од барок. Станува збор за зградите на улиците „Димитрија Чуповски“, „Никола Вапцаров“ и улица Македонија.

Некои од овие згради се веќе рефасадирани, но оние кои не се ќе го задржат својот изглед. Ова е одлучено на вчерашната седница на Советот на Град Скопје. По предлог на градоначалникот, Петре Шилегов, мнозинството советниците во градското собрание ја укинаа програмата за реконструкција и доградба на објекти во централното градско подрачје.

„Неопходно е да се спречи натамошното уништување на сето тоа што претставува сведоштво на човековото градителско и друго творештво во минатото и да се зачуваат вистинските културни вредности“, се наведува во образложението на Градот.

Меѓу овие згради е и познатата „Пелагонија“ која е во процес на реконструкција. Идејното решение за оваа фасада ќе биде напуштено и зградата ќе се реновира, но при тоа ќе се запази нејзиниот оригинален изглед.