МВР доби нови 609 полициски службеници (видео)

Во Центарот за обука во Идризово денеска свечена изјава дадоа новите 609 полицајци кои успешно ја завршија едногодишната обука поделена во три образовни модули – сообраќај, јавен ред и мир и гранични работи.

„Почитувани кандидати за полицајци, на почеток сте на еден нов животен предизвик, а тоа е да станете дел од македонската полиција. Поминавте обука во која учевте за правилата по кои треба да работите, законите кои треба да ги применувате. Верувам дека оваа обука за вас беше влог во вашата иднина. Но верувајте дека ова е и влог на Министерството за внатрешни работи и на колегите од Центарот за обука. Нашата цел беше да оспособиме млади кадри кои ќе станат дел од безбедносниот систем на нашата држава“, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Вашата задача, рече Спасовски, е да бидете доследни чувари на правдата и за да бидете успешни мора да бидете истрајни. Тој потенцира дека продолжуваат реформите во полицијата со цел создавање на професионална полиција.

„Во изминатиот период покажавме јасна политичка волја дека имаме потенцијал за квалитетни промени. Поквалитетното организационо, структурно менаџирање, но и менаџирањето со човечките ресурси, дава резултати кои што се евидентни, мерливи и проверливи, притоа подигнувајќи ги повисоко нивоата на полициска ефикасност во сите сфери од работењето. Запаметете дека ние постоиме заради интересите на сите граѓани“, рече Спасовски.