Македонскиот спорт пред тотален колапс, нема пари од ваучер системот

Иако при крајот на минатиот месец се донесоа измените на Законот за спорт во делот на ваучер-системот пари кон клубовите и федерациите нема пишува „sport1.mk“. Ваквата постапка на институциите го води македонскиот спорт кон колапс и банкрот поради доцнењето на помош во вредност од 10 милиони евра.

Попусти беа радоста и фалбите по социјалните мрежи по донесените законски измени, кога се уште не е почната ниту процедурата за одредување на висината на ваучерите, а да не збориме за исплатата на парите. Роковите за почеток на активностите одамна се пробиени бидејќи националните спортски федерации беа должни до 1 март да објават предлог ранг-листи на спортските клубови и на активните спортисти, по што следува рок за жалба и нивно испраќање до Централната комисија, како орган на државната управа. Таа, пак, најдоцна до 5 април ги објавува во Службен весник конечните листи, а 15 дена по тоа се издава решение за исплата на парите на клубовите и спортистите. Ова, теоретски, значи дека краен рок за исплата на парите кон спортистите е 20 април, што е за помалку од еден месец.

Федерациите не само што доцнат веќе цел месец со официјализирање на прелиминарните ранг-листи, тие се уште немаат ниту испратено прашалници врз основа на што потоа ги рангираат клубовите и спортистите. Ова значи дека процесот воопшто не е почнат, што со себе носи пролонгирање на сите рокови, а со тоа и празни каси на тие што го претставуваат македонскиот спорт на домашна и меѓународна сцена.

Најголем проблем, дефинитивно, се закажаните парламентарни избори за 8 мај, поради што најверојатно постојат законски пречки за исплата на ваучерите. Од АМС, како највисока државна институција за спорт, изминатиов период нема никаква информација за тоа кога воопшто би можело да бидат исплатени парите. А, тоа е најголем проблем, бидејќи за клубовите и спортистите полошо од тоа што имаат празни каси е што немаат никаква информација за тоа кога би ги добиле парите од државата, за да може да си ги планираат трошоците.