Македонија со победа го заврши Европското првенство во ракомет

Македонската репрезентација во ракомет со победа го заврши ова Европско првенство во ракомет откако ја совладавме репрезентацијата на Швајцарија со резултат 29:27. Оваа победа е многу важна ако се знае дека нашата репрезентација го обезбеди првиот шешир за баражот за СП 2025 година.

Селекторот Кире Лазаров им ја честиташе победата и борбата на нашите репрезентативци каде посочи дека е многу среќен и задоволен од овој натпревар.

- “Одигравме екстра квалитетен натпревар, со голема борба, голема жар, многу желба за победа и знаете, кога посакувате, тоа им го кажав на момците пред натпревар, не е важна ниту стратегија ниту тактика, само да ја посакуваме победата повеќе од Швајцарија. Така и беше иако и тие посакуваа победа и покажаа на ова ЕП дека се многу квалитетни. Многу сум задоволен и среќен од презентираното на овој натпревар“, рече Лазаров.

Најефикасни во Македонија со по пет погодоци беа Ненад Костески и Марко Митев, одличен меѓу стативите беше Мартин Томовски со 13 интервенции. Кај Швајцарија прво име беше легендарниот Енди Шмид со 11 реализации.