„Лажете господине Фуркан“- Тошковски и Салиу во вербален конфликт пред камерите

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и новинарот Фуркан Салиу пред камерите влегоа во вербален дуел околу приведувањето на Салиу на фудбалски натпревар. Тошковски кажа дека се снимени дејствијата кој ги презел Салиу додека овој ги негираше обвинувањата на минисерот. Според Тошковски на снимките може да се види дека имало спречување на службено лице во вршење на службена должност од страна на новинарот.

Од друга страна, Фуркан Салиу тврди дека бил уапсен затоа што снимал како полицијата тепа недолжно момче на натпреварот, а тој како новинар присуствувал таму оти знаел дека ќе има нереди.

Дали имавте физички контакт со полициските службеници пред да ве приведат?, го праша Тошковски, Салиу.

Во ниту еден момент, одговори новинарот.

Лажете, господине Фуркан, му возврати министерот одговарајќи на новинарски прашања.

Салиу тврди и дека поседува дозвола за пиштолот кој бил пронајден расклопен во неговиот автомобил, па го праша Тошковски како без негово присуство бил направен претрес во возилото.

Тошковски потенцира дека се работи за преглед на возилото, и дека внатрешна контрола ќе ги испита сите дејствија и на полициските службеници. Тошковски вели и дека точно се знае согласно закон како се поседува и како се транспартира оружје. Според него, станува збор за прекршок во однос на начинот на поседувањето на пиштолот, а многу е важно тој да се чува дома, а не во возилото.