Контрола на холестеролот за поздраво срце

Маснотиите во крвните садови можат да доведат до инфаркт. Кај зголемените вредности на ЛДЛ најчесто нема никакви симптоми, па затоа последиците се утврдуваат доцна. 

Зголемениот холестерол во крвта сериозно го нарушува здравјето и е еден од најчестите причинители за кардиоваскуларни проблеми. Холестеролот е масна материја и составен дел на клеточните мембрани. Тој може да биде лош и добар. 

Атеросклерозата е таложење масни материи на ѕидот од крвниот сад, што е проследено со воспалување и собирање, а последиците се намалување на протокот на крв, тромбоза, а може да доведе и до инфаркт и мозочен удар. Имајќи предвид дека тоа е најчеста причина за смртност, елиминирањето на лошиот холестерол е примарна задача.

Освен ЛДЛ, тука се и ХДЛ честичките, кои го отстрануваат холестеролот од периферните ткива и крвните садови, го транспортираат до црниот дроб и така го намалуваат ризикот од појава на атеросклероза. Поради се ова, нив ги нарекуваат добар холестерол.

Лошиот избор на храна е главна причина за зголемување на лошиот холестерол. Недоволното конзумирање овошје и зеленчук, како и премногу храна од животинско потекло која содржи висока концентрација на заситени масти, со текот на времето доведува до нарушување во организмот. За да не се случи тоа, пред се, треба да се избегнува жолчка од јајце, мрсно месо, кожа од живина и полномасни млечни производи.

До зголемена концентрација на ЛДЛ може да доведат и генетските нарушувања. Некогаш тоа е многу изразено, па голем број од членовите во семејството можат во раните години да заболат од кардиоваскуларни болести. Дебелината е исто така важен фактор за ризик, како и дијабетесот и проблемите со работата на штитната жлезда.