Комисијата за транспорт и врски ќе организира дебата за нелегалното градење

Уште пет години ќе биде продолжен рокот за легализација на бесправно изградени објекти до 2011 за предмети доставени до општините до 2018 година за што законското решение треба наскоро да помине на пленарна седница.Собраниската Комисија за транспорт и врски денеска го заврши второто читање на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и го проследи на натамошно читање. Пратениците се согласија дека треба да организираат надзорна или јавна расправа воопшто за состојбата со градење во земјата со учество на експерти и граѓански организации.

Незадоволство од ваквото решение на законот повторно искажа пратеничката од ДОМ Маја Морачанин која смета дека рокот за легализација со закон се продолжува десет години и оти од ова може да се каже дека Законот не ја постигнал целта, бидејќи постојано никнуваат нелегални објекти.  Морачанин предложи Комисијата да организира надзорна расправа воопшто за состојбата со градење во земјата.

Со ова се согласија и пратеници од другите пратенички групи, како од власта така и од опозоцијата.

Претседателот на Комисијата Владо Мисајловски од ВМРО ДПМНЕ, рече дека независно од тоа кој од која политичка партија доаѓа, треба да се организира ваква расправа и смета дека имаме системски проблем бидејќи нелегални објекти добиваат дозволи за вода и струја од јавните претпријатија со што се прекршува законот и се прават кривични дела. Според него, треба да се разговара за тоа што се случува со градењето во земјата, но и во Скопје.

Диме Велковски од СДСМ се согласува со идејата за расправа и додаде дека таа треба да се прошири со она што се случува на Водно и во други делови од земјава што треба да бидат заштитени подрачја и се што е поврзано со урбанизмот и екологијата.

Велковски рече дека ова законско решение е донесено одамна и трае до 3 март оваа година и врз основа на него објекти што се изградеи до 2011 година имаа можност до 2018 да достават документи за легализација.

-Сега се продолжува рокот оние предмети кои се доставени до 2018 година да можат да се решат, појасни Велковски.

Како што истакнаа пратениците, останати се уште 140.000 нерешени предмети за што се доставени барања за легализација до општините.

На седницата на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија помина и второто читање на Предлог закон за изменување на Законот за сигурност во железничкиот систем.