Како ќе се контролира почитувањето на мерките за заштита за време на Велигден и 1 Мај?

Засилени контроли ќе спроведува полицијата на излетничките места за време на претстојниот викенд.. Ќе се проверува дали се почитува забраната за групирање која не дозволува повеќе од четири лица на отворен простор. Министерот Спасовски вели дека под лупа ќе бидат и верските објекти.

„Имаме забрана на групирање на повеќе лица од 4 и дека имаме посебни протоколи за организација на настани кои би се одвивале на отворен простор. Треба да се почитуваат сите тие мерки. МВР  веќе подготвува посебни планови за Велигденските, за првомајските празници. Сакам да упатам апел, да се придржуваме до мерките“, изјави Оливер Спасовски, Министер за внатрешни работи.

Почитувањето на мерките за време на верскиот празник Велигден, ќе го контролира и црквата. Од МПЦ најавуваат дека во храмовите ќе бидат ангажирани редари.

Според одлуката за олабавување на рестриктивните мерки, за Велигден и Рамазан Бајрам ќе нема полициски час. Од владата апелираат граѓаните достоинствено да ги прослават празниците со носење на маска и одржување дистанца во црквите и џамиите.

„Ако бидеме внимателни, ги почитуваме мерките ќе продолжи и понатамошно олабавување на мерките, но доколку граѓаните премногу се опуштат и повторно имаме неповолна епидемиолошка состојба, повторно ќе имаме затворање, логиката е таа. Сега во период кога имаме паѓање на бројот на новозаразени имаме можност да им овозможиме достоинствено, во кругот на семејството да ги дочекаат овие два големи верски празници, изјави Зоран Заев премиер .

Од утре полицискиот час ќе почнува во 21 часот и ќе трае до 5 наутро. Се отвораат и угостителските објекти, но гости ќе примаат само на летните тераси.