Како да се смириме во неизвесното време на пандемија со коронавирусот?

Можноста за зараза од ковид 19 вирусот не е единственото нешто за што луѓето се загрижени во моментов. Пандемијата со себе носи и притисок поврзан со работата и месечните примања, балансот меѓу работата и останатите обврски, самата работа од дома, грижата за најблиските.

Но, не сме сами. Голем број луѓе се соочуваат со слично ниво на емотивен стрес. Некогаш се чувствуваме очајно, некогаш стресно, некогаш паничиме и додека сето тоа е во ред, треба да сме свесни дека постојат начини како да се смириме.

Прифатете ја реалноста

За почеток, пред да почнете да паничите, прифатете ги работите такви какви што се. Можеби ќе биде поинаку и подобро за месеци од сега, но сега е така како што е и воопшто не можете да го промените тоа. Тоа што е важно се нашите индивидуални потези – социјалното дистанцирање, изолацијата. Резултатите нема да дојдат веднаш, но секој од нас со својот начин на делување може да придонесе кон минимизирање на штетите.

Ограничете ги вестите

Не морате да ги гледате сите вести и да ги проследувате сите прес-конференции на министерот за здравство и останатите министри. Преземете контрола во однос на тоа што читате, каде читате и колку често ќе го правите тоа. Останатиот дел од времето организирајте го во однос на работите кои ве опуштаат или пак во однос на тоа што одамна сте сакале да го направите во својот дом, а не сте имале можност.

Дозволете си да чувствувате

Не дозволувајте да ги потиснувате сите чувства внатре во себе, бидејќи тоа ќе го наруши вашето здравје. Повторно, ситуацијата е таква каква што е, некои од работите се тажни и сосема во ред е да заплачете. Некогаш ќе видите и добра вест или видео кое ќе ве насмее, па направете го тоа. 

Не постои вистински начин за да се изживее ова, никој нема рецепт за тоа.

Најдете начини да се опуштите

Сетете се на некои работи што сте ги подзаборавиле можеби бидејќи не сте имале време. Лежете во када, плетете или везете, гледајте некоја комедија, вежбајте дома.