ЈП „Комунална хигиена“ одржа еко-предавање во скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“

ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје соопшти дека денеска се реализираше еко-предавање за учениците од скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“, каде присуствуваа триесетина ученици.

Од претпријатието информираат дека на еко-предавањето, учениците имале можност да се запознаат со нивните активности и да се едуцираат како правилно и совесно да постапуваат со комуналниот отпад, на кој начин се врши неговата примарна селекција и како се одвива процесот на рециклирање. Исто така, беше спроведена и акција за чистење на отпадот од внатрешните простории и дворот, во којашто земаа учество и учениците и професорите од училиштето.

-Во текот на 2022 година, ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје организираше еко-предавања и работилници во триесетина основни училишта и предучилишни установи во сите скопски општини.

-Годинава планираме едукативните активности да ги продолжиме и во скопските средни училишта. Примарна цел на овие предавања е развивањето еколошка свест кај младите за нивната улога во одржувањето на здрава и чиста животна околина, изјави в.д.директорката на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје, Косана Николиќ Мазнева.