Јас сум онаа која се смее...

Тоа сум јас. Дури и кога е тешко, јас сум онаа која се смее. 

Зборував со една пријателка на телефон и таа ми вели: „Ова долго трае, но проаѓа. Еве, не знам каде летна цел месец. Но, кога ќе помислам дека може да трае уште еден месец...“

Што да кажам? Дека слично се чувствувам? Како во некој голем експеримент. Како да сум на некој важен испист. Го гледам сонцето низ затворени прзороци, дланките ми се потат и знам дека ги знам сите одговори, но имам чувство дека нешто пропуштам. Како прстите да не ја слушаат главата. Како премногу да чувствувам, а недоволно промислувам. 

Овие денови размислувам за тоа: А што ако ова трае уште најмалку еден месец? Нема да прославиме повеќе од 10 родендени. Речиси сите мои омилени луѓе се родени во април и мај. Пролетното сонце. Еве сега преку Вибер ќе е пееме песнички дека денес е убав ден. 

Колку може да е убав кога не можеш да ги прегрнеш оние кои ги сакаш? 

  • „Не ме гушкај“ – ми вели, а ни тој не може да се тргне од мене. 

Некој јазол ми го стегнува желудникот.

  • „Знаеш, кога сѐ ова ќе пројде, секаде ќе одиме. Не сакам веќе да слушам: „Ајде одете без мене“!

  • „Знам“ – ми вели. „Но дотогаш ќе се смееш. Немој да си загрижена како денес и претходниве денови.“

Вдишувам, издишувам, велам „Важи“, а мислам дека ништо не замислував дека ќе биде вака.

  • „Јас и не гледам вести, не ме интересираат прогнози и бројки. Некако сум убедена дека можеме, дека мораме да се чуваме. Умреле 5, умреле толку, умреле олку. Жал ми е што морам да кажам дека се чувствувам како ова да не е реалност. Но, кога смртта добива свое име и презиме, кога ќе добие лик, тогаш повеќе не е број. Не смееме да ја гледаме само како бројка.“

Ме гледа и не го тргнува погледот од моите насолзени очи. Нема да плачам. Двајцата знаеме дека нема да се расплачам. Но, тоа е само затоа што не го продолжуваме разговорот за луѓето кои умреле, кои биле нечии родители, сестри, браќа, деца. Се гледаме. Јас не трпнувам за да не заплачам. Тој на крајот сепак се насмевнува и вели:

  • „Мораш да се насмееш. Тоа си ти, зарем не?“

  • „Да, тоа сум јас.“

И двајцата ја зборуваме вистината. Тоа навистина сум јас, онаа која секогаш се смее. Не сум јас оптимист онака случајно.Вака е само многу поубаво и полесно да се менува низ животот. 

Кога бев помала, еден добар другар со подбив ми рече: „Ти се смееш на секоја финта“. 

И тогаш сфатив дека тој можеби и не ми е толку добар другар кога не сфаќа зошто се смеам. Подоцна во животот се наоѓав во ситуации кога и самата почнав да се сомневам во моќта на насмевката. Секогаш оние кои не се смееја беа оние кои беа мистериозни и автоматски попривлечни, а јас се смеев толку гласно што ме слушаа на другата страна на паркот. Никогаш на никој не му беше јасно зошто оваа толку се смее? Така е тоа: Ако се смеете често – ве прогласуваат дека сте луди. Но, знаете што? Никогаш не престанав да се смеам. 

Јас не сум оптимистична затоа што сум била под некакво случајно влијание. Едноставно таква ми е природата. Дури и во овие мутни и мутави времиња. 

Само штета е што понекогаш ми е потребен потсетник. Штета е тоа што воппшто не е смешно тоа што не можам да го прегрнам најдобриот човек на светот.

Но, еве каде сум. Со насмевка на лицето. И ќе го прегргнам. Кога сето ова ќе пројде.