Истражување: Македонските студенти се неинформирани каде и како да пријават корупција на факултетите

Корупцијата е многу или екстремно присутна на факултетите сметаат 20 проценти од анкетирани македонски студенти. На еден од десет студенти во земјава, опфатени во анкета, професор му побарал мито, а шест отсто понудиле мито за повисока оценка. Над 90 отсто студенти испитаници не знаат како треба да реагираат и каде да пријават коруптивно однесување на факултетите. 

Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ денеска ги презентираше прелиминарните резултати од анкетата за перцепциите на студентите за корупција во високото образование во Албанија, Северна Македонија и Србија. Истражувањето било спроведено во мај годинава од независна агенција и биле анкетирани 300 студенти во секоја земја, во рамки на проектот „Универзитети без корупција во Албанија, Северна Македонија и Србија“ поддржан со регионален грант на Смарт Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан.

-Тоа се податоци кои нѐ загрижуваат. Изненадувачки е што првпат оваа анкета покажува дека има висок степен на перцепција за коруптивни практики од самите студенти – дури 20 отсто, на пример, наведуваат дека студентите мамат на испити или дека студентите ангажираат други лица да им пишуваат тези или семинарски работи. Тоа се две од трите најглавни коруптивни практики коишто ги утврди истражувањето, рече проф. д-р Мишо Докмановиќ, менаџер во проектот за нашата земја.

За разлика од другите две земји, во нашата држава студентите се најмалку информирани – повеќе од 90 отсто од анкетираните кажале дека воопшто не знаат како се пријавува корупција, ниту дали постои надлежна установа или орган на факултетите. На прашањето зошто не пријавуваат корупција, една третина од испитаниците во земјава одговориле дека се плашат од последиците доколку пријават корупција.

-Имаме над 90 отсто студенти кои не знаат како треба да реагираат и тоа е проблем. Студентите се тие што треба да пријават евентуално коруптивно поведение на факултетите и мора да бидат многу подобро информирани. Секој студент кога почнува учебната година треба точно да знае каде и како пријавува итн. Да речеме, интересен податок е што студентите во Македонија најмногу одговараат дека онлајн-формулар е најдобра форма за да пријават корупција. Тоа значи дека сакаат да им обезбеди максимална заштита потенцијалното пријавување, додаде Докмановиќ.  

Параметрите се разликуваат меѓу трите земји. На пример, како што рече, во Албанија постои многу подобра информираност за пријавување на корупцијата, а во Србија има помала перцепција, на пример, во делот на барањето мито од страна на професорите или обврската да им се купи книга.

-Една од трите главни коруптивни практики е и тоа што студентите во Македонија наведуваат дека професорите ги обврзуваат за книга за подобра оценка или подобар резултат, додаде проектниот менаџер.

При креирањето на примерокот за анкета се внимавало на пропорционална застапеност на универзитетите според бројот на студенти и се вклучени главните универзитетски центри во земјава – Скопје, Битола, Штип и Тетово и, како што беше посочено, нема некое драматично отстапување во резултатите. 

Владимир Георгиев, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, изјави дека ризиците за корупција во високото образование се утврдени во Националната стратегија за спречување корупција и нив ги има во поголем број и се, главно, од аспект на случувањата во самото високо образование, како при изборот на наставно-научни звања, трговија со влијанија  клиентелизам итн.

-Сите истражувања што се прават ги земаме предвид како надворешни дополнителни елементи што ќе ни послужат во нашата работа, а и ние направивме минатата година. Ние се обидуваме, пред се, да изградиме превентивни механизми да не се случуваат овие работи и затоа ги вградивме во националната стратегија. Ваквите истражувања што произлегуваат од жртвите на корупцијата се особено значајни за да ги детектираме мерките што треба да ги преземеме, рече Георгиев.

Додаде дека хиперпродукцијата на универзитети во државава влијае многу на намалување на квалитетот на високото образование и дека и тоа е еден од ризик факторите за корупција затоа што, рече, критериумите за избор во научно-наставни звања и трката по поголем број студенти доведува до ризици за коруптивно однесување.

Наодите од споредбеното истражување се претставени во Белград, а ќе следува презентација и во Тирана. Детален извештај со сите параметри ќе биде објавен во текот на летото, а за идната година е во план истражувањето да се повтори со истите прашања.