УСС ќе иницира календар на активности на кои МОН ќе мора да се придржува

Претседателот на УСС на УКИМ Александар Николовски изјави дека бараат промена на самиот систем и дека следен чекор ќе им биде иницијатива за воспоставување календар на активности на кои МОН ќе треба да се придржи и да има навремена исплата на сите студентски мерки. Ќе бараат, рече, и промена во Законот за студентски стандард.

- “Покажуваме црвен картон кон вработените во МОН и УСС се залага студентите во иднина да бидат слушнати и нивниот глас да биде уважен. Во фб-статусот на министерот Јетон Шаќири беше напишано дека се легнати средствата, но според ветувањето средствата требаше да бидат легнати првично на средината на јануари, па крај на јануари. И тоа е само за стипендиите. Покрај тоа, имавме средства за ретроактивно исплата, имавме мерка ваучери за превоз, како и проблеми со студентскиот оброк. Така што, овој револт е создаден поради ненавремената исплата на сите мерки и неодговорното работење на самата институција“, изјави Николовски.

Со протестот студентите бараат поголема ефикасност на МОН поради ненавремена исплата на студентските стипендии, задоцнети исплати на ваучерите за превоз, доцнења со исплатите по склучувањето на спогодбите за ретроактивна исплата на стипендиите, проблеми со мерката субвенциониран студентски оброк, поради непочитување на утврдените рокови и, како што велат, проблеми во координираноста помеѓу одделенијата во Министерството.