Инвестирани 560.000 евра во нова канализациона мрежа во општина Ѓорче Петров

Во тек е доизградба на канализациона мрежа во населбите Волково, Стопански Двор и Кисела Јабука, инвестиција вредна 560 илјади евра. Почна да се гради во декември 2016 година, а рокот за изградбата е 16 месеци, односно таа треба да биде готова во 2018 година на пролет.

Ова беше речено денеска во разговорот меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски.

Груевски посочи дека пред околу две години граѓаните барале од власта да се направи овој проект.

Нивното барање денес веќе се реализира.

-Јас се сеќавам кога доаѓавме тука во Волково, во другите места, луѓето кога го бараа и еве го, се реализира. Тоа беше пред минатата година, бидејќи тука бевме и минатото, но и пред тоа лето, истакна Груевски.

Додаде дека теренското работење допринело за побрзо спроведување на овој проект.

-Практично и нашето теренско делување резултираше со побрзо завршување на ова. Доаѓањето тука, реакцијата на граѓаните, соочувањето со нив, ветувањето пред нив помогна ова да тргне во декември и сега да биде во полн ек и најдоцна до следната пролет да биде завршено, рече Груевски.

Информираше и дека Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски од 2009 до 2012 година обезбеди вкупно 1.400.000 евра за реализација на овој проект.

Министерот Мисајловски информираше дека минатата година во делот  во планот за реконструкција на улици биле вметнати улиците кои беа оштетени од поплавите.

-Тоа се пет улици со краци. Отприлика 4,5 километри е таа мрежа на патишта на мали улички што се наоѓаат во истиот дел, Кисела Јабука, Стопански Двор, Волково, рече Мисајловски.

Митровски дополни дека поради тоа што тие улици имаат краци, всушност се работи за 32 улички.

 

 

-Тоа се уличките кои беа оштетени, кои ни ги даде Општината. Затоа тие ги работи „Македонија пат“, посочи Мисајловски, дополнувајќи дека тие треба да бидат готови до јуни годинава.

Мисајловски информираше и дека преку буџетот на Министерството планирана е и реконструкција на три улици во општината, инвестиција вредна 15 милиони денари.

Тендерот е завршен, а моментно тече рокот на жалби. Се очекува договор да се потпише во мај годинава.

Се работи за улиците „Браќа Чакареви“ во должина од 320 метри, „Гостиварска“ во должина од 240 метри и „Атанас Коцарев“ во должина од 360 метри.