Град Скопје во буџетот предвидува 141 милион денари за заштита на животната средина

Советот на град Скопје во вторник (19.12.2018 година) ќе одржи седница на која треба да го усвои буџетот на Град Скопје за 2018-та година, во кој се предвидени многу повеќе средства за животна средина споредено со ребалансот на буџетот од 2017-та година, предложен од претходното градско раководство, соопшти прес-службата на градот.

Имено, според новиот буџет на Град Скопје за 2018-та година, во секторот за заштита на животна средина планирани се 141 милиони денари, што преставува речиси трипати повеќе од ребалансот на буџетот од 2017-та година којшто за овој сектор предвиде само 48 милиони денари.

„За реализација на планираните проекти за заштита на животна средина во 2018-та година, со финансиска поддршка од Град Скопје, граѓаните ќе добијат 10 милиони денари субвенции при набавка на инвертери за затоплување, а приватните компании кои учествуваат во јавниот превоз на патници, ќе добојат субвенции во висина од 20 милиони денари со цел да се инсталираат уреди на гас и да се купат автобуси кои задоволуваат ЕУРО 5 И ЕУРО 6 стандард. Покрај субвенциите од 20 милиони денари за ЈСП за бесплатен превоз во денови на алармантно загадување на воздухот, новитет во градскиот буџет е планираното субвенционирање од 100 милиони денари на ЈСП при набавка на зглобни електрични автобуси“, информираат од Град Скопје.

Додаваат дека за училиштата ќе бидат обезбедени 90 милиони денари за реконструкција на енергетско-ефикасни фасади, како и 12 милиони денари за опремување на училниците со прочистувачи на воздух, а во с склоп со буџетот предвидени се и зелени проекти за кои ќе има 10 милиони денари за кофинансирање на изработка на зелени кровови со соодветни институции.

Град Скопје продолжува и со мерката за субвенционирање при набавка на печки на пелети за што се наменети 15 милиони денари, а ќе бидат обезбедени и финансиски средства во висина од 1.6 милиони денари за обука на оџачари.

Од Град Скопје информираат дека буџетот предвидува и дополнителни проекти кои директно или индиректно влијаат во заштитата на животната средина, а се во делот на инфраструктурата што вклучува изградба, одржување и реконструкција на велосипедски патеки, средствата се зголемени за трипати и изнесуваат 30 милиони денари, а граѓаните ќе добијат и дополнителни субвенции од 10 милиони денари при набавка на велосипеди.