Град Скопје отпочнува низа проекти за рамномерен развој во сите населби

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска по последната одржана седница на Советот на Град Скопје информираше за сите усвоени одлуки за нови проекти во Градот Скопје. 

Истакна дека следат нови проекти за скопјани кои се интерес на сите граѓани, а ќе значат рамномерен развој во сите населби. „Предлозите кои ги доставив до Советот на Град Скопје на седница беа изгласани, со што следат нови проекти во интерес на скопјани:

-Инвестираме во изградба на нови улици во населеното место Усје во општина Кисела Вода;

-Се воведува нова автобуска линија 2Б од Ченто до Сарај;

-За првпат Градот Скопје субвенционира електрични тротинети и велосипеди за млади лица до 29 години;

- Отпочнуваме со реализација на проектот за систем за водоснабдување за Рашче, Копаница, Бојане, Буковиќ и Ласкарци;

-Реконструираме 6 спортски терени во паркот во Сарај;

-Ќе ја реконструираме улицата Христофер Жефаровиќ во општината Гази Баба;

-Следи изградба на нова инфраструктура во општина Шуто Оризари на крак 18 на улицата Македонско косовска бригада“ - напиша градоначалничката Арсовска.

Таа истакна исто така дека главната цел на новите градски проекти е во Скопје повеќе да нема заборавени населби, туку градот да се развива рамномерно, со реализација на проекти во урбаниот и руралниот дел.