Гази Баба се поврзува со Чаир и Бутел - Започна изградбата на булеварот „Хрватска“

Градот Скопје отпочнува со реализација на проектот за булевар Хрватска, кој е ветуван пред граѓаните, а не е реализиран повеќе децении.

- Проектот е еден од најголемите инфраструктурни проекти по чија реализација Скопје ќе има сообраќајно решение со карактер на внатрешна обиколница околу централното јадро и со која се обезбедува побрзо и посигурно поврзување на општината Гази Баба со Чаир и Бутел. Со реализацијата на овој долго очекуван проект во првата фаза се изведува подземната инфраструктура, по што следи фаза на изведба од подвозникот кај Бутел до кружниот тек кај Автокоманда. Со ова сообраќајно решение се затвора вториот кружен прстен во Скопје кој ќе ги намали значително гужвите во сообраќајот, информираа од Град Скопје. 

- Изградбата на булеварот Хрватска и водоводот по неговата траса се капитални проекти чија реализација е неопходна за развој на Скопје. Иако ветувани со децении досега не се преземени никакви чекори за негова реализација, а ова е првата градежна активност за реализација на овој проект, со што воедно се создаваат предуслови за надминување на предизвиците со нормалното водоснабдување за населбите Ченто, Стајковци, Сингелиќ, Инџиково и Хиподром, истакна  градоначалничката Арсовска.                       

Екипи од Градот Скопје и градоначалничката Данела Арсовска денеска на терен присуствуваа на отпочнувањето на градежните активности за вградувањето на игличестиот вентил на цевководот со профил Ф1600, со што ќе се постигне регулација на проток на вода кон населбата Железара, но истиот ќе овозможи и поврзување на двата магистрални водоводни цевководи, едниот со профил Ф700 на булеварот Александар Македонски  и другиот со профил Ф1600 по новопроектираниот булевар Хрватска. Изградбата на овој дел од водоводната мрежа е предуслов за подобрување на водоснабдувањето на целата територија на општина Гази Баба, информираа надлежните.