Македонските гастарбајтери и странските туристи се најчестите изнајмувачи на возила што ги нудат рентакар агенциите во земјава. Изнајмувањето возила е најактуелно во летниот период (јуни, јули и август), кога нашите привремено вработени во европските држави се враќаат во родните места.
Најчесто нашите гастарбајтери ги земаат возилата од аеродром кога ќе слетаат и повторно ги враќаат назад кога си заминуваат од Македонија.
Клиенти на рентакар агенциите се и странските туристи кои изнајмуваат возило и со него ја шетаат нашата земја.
Многу често туристите знаат да изнајмат возило и со него прават тури до Црна Гора, Србија, Хрватска, Албанија и потоа возилата ги враќаат назад.
Најчесто се изнајмуваат најмалите, најевтините, односно мини-категориите на возила. Задоволството да се изнајми "шевролет спарк", поло", опел корса" или "сеат ибица" чини од 25 до 35 евра на ден, а за некој полуксузен модел на возило дневно се наплаќаат по 70 до 80 евра.
Изнајмувањето за викендите е нешто поевтино, а на редовните муштерии им следува и попуст.
Притоа, добивате полн резервоар, кој, нормално, по истекот на рокот за користење на возилото треба повторно да го наполните до крај.
Сите возила се осигурани, па и каско, бидејќи се случува да ги вратат оштетени или воопшто да не ги вратат.
Доколку со изнајменото возило биде направена сообраќајна несреќа и ако причинител за сообраќајката е токму рентаното возило, тогаш се задржува депозитот на клиентот, а остатокот од штетата го покрива осигурувањето.
Ако, пак, клиентот не е виновен за сообраќајката, штетата се наплатува од осигурувањето. Но, во секој случај, клиентот мора да извести за несреќата и да достави полициски записник, додека помалите сообраќајки се решаваат со европскиот записник.
Кој може да изнајми возило
Од агенциите велат дека покрај кредитна картичка, ако сакате да изнајмите возило, потребно е да поседувате возачка дозвола најмалку две години, како и да сте постари од 21 година. При изнајмувањето треба да се покаже и пасош. Дознавме дека рентаџиите често мора да бидат и "психолози", па така, возилата, што е сосема логично, не се изнајмуваат на оние лица за кои постои и најмало сомневање дека се под дејство на алкохол или дрога. Сигурноста, сепак, е приоритет.