Фрлени 288 тони индустриска сол на градските сообраќајници (фото)

Продолжуваат активностите на зимската служба на Град Скопје за чистење на снегот од градските сообраќајници, пешачките патеки и јавните површини.

Изминатово деноноќие екипите на зимската служба на Град Скопје дејствуваа на сите булевари и улици што се во надлежност на Градот Скопје, каде што на истите, во периодот од 17 до 7 часот утрово се фрлени 288 тони индустриска сол.

На терен се интервенира со механизацијата на јавното претпријатие „Улици и патишта“, односно со 19 разновидни возила и машини (16 возила на зимска служба и 3 грејдери), а на располагање е и механизацијата на преостанатите јавни градски претпријатија.

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ и ЈП „Паркови и зеленило“ со луѓе и механизација работеа на расчистување на тротоарите и на јавните површини што се во надлежност на Градот Скопје.

Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ работеа на расчистување на тротоарите на булеварите „Илинден“, „М.Т.Гологанов“,„В.С.Бато“, „Борис Трајковски“, улиците „Втора Македонска Бригада“, „Адолф Циборовски“, кружниот тек во населбата Топанско Поле, просторот пред Собрание на РМ, патеките низ Градскиот парк, парк „Македонија“ и мостот „Гоце Делчев“.

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје интервенираа на повеќе локации со 125 работници и механизација (четири трактора со специјални четки за снег, еден трактор со специјални ножеви за снег, два мотокултиватора, како и две патарки за расфрлање сол). Нивните екипи работеа на расчистување на јавните површини во централното градско подрачје, каде што се чистеа плоштадите, мостовите и Старата скопска чаршија.

Покрај нив, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ ги расчистуваа и пешачките и велосипедските патеки по булеварите „Партизански одреди“, „Илинден“, „ВМРО“, „11-ти Октомври“, „Крсте Мисирков“, „Цветан Димов“, „Христијан Тодоровски Карпош“, „Александар Македонски“, како и улиците „Димитрија Чуповски“, „Филип Втори“ и „Мајка Тереза“.

Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ на терен работат на чистење на сливниците.

И во текот на денешниот ден екипите на зимската служба будно ја следат состојбата на градските сообраќајници и ќе интервенираат според потребите согласно со условите на теренот.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите.

Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и поголемите градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.

Апелираме до сите стопански субјекти во градот и до сите граѓани, кога ќе падне снег, да ги почитуваат законските обврски и да го расчистуваат снегот и мразот од пристапите до нивните деловни, односно станбени објекти.