Филмска кражба на кола: Полицијата и виновниците „размениле“ истрели, никој не е повреден

Скопјанец пријавил украдено возило, полицијата го лоцирала, а дошло и до престрелка меѓу виновниците и полицајците кои го следеле возилото - ваков настан се одвивал во текот на изминатиот викенд на територија на Скопје. 

Во полицискиот извештај се вели дека на 14.03.2021 во 08.00 часот во Полициската станица Гази Баба, М.Т.(51) од Скопје пријавил дека во периодот од 16.30 часот на 13.03 до 07.00 часот на 14.03.2021 на ул.„Среќко Пужалка“ во Скопје му било одземено неговото патничко возило „форд фиеста“ со скопски регистарски ознаки.

На 14.03.2021 на ул.„Маџари“, полициски службеници го забележале возилото и почнале да го следат, а по кратко време лицата кои се превезувале го оставиле возилото и се дале во бегство. Тие не застанале на предупредување од полициските службеници, а едно од лицата испукало еден куршум кон нив, но не ги повредил. Исто така, полициски службеник испукал еден куршум во воздух.

Возилото било вратено на сопственикот и се преземаат мерки за расчистување на случајот.