Езерската населба Мантово и нејзината околина се подготвуваат да станат нова туристичка дестинација во државата. Со финансиска поддршка на Европската унија, општина Конче ја подобри пристапноста, но и атрактивноста на сончевата езерска населба. Преку проектот за локална и регионална конкурентност, вреден околу 18 милиони денари, рехабилитиран е шест и пол километарски пат кој води од селото Габревци до браната, мапирани и обележани пешачки патеки долги три километри, локалитетот Влашки колиби е целосно осветлен, поставена нова урбана опрема, но и нови табли и патокази. Од општината се надеваат дека новите проекти освен за туристите ќе бидат доволен мотив и за нови инвестиции во овој регион.
,,Со активностите кои ги спроведуваме очекуваме дека ќе се поттикнат дополнителните приватни инвестиции кои ќе ја унапредат туристичката понуда на општината,, вели Благој Илиев – градоначалник на општина Конче.
Во моментов, во туристичката населба Мантово има изградено околу 200 викенд куќи. Од општината информираат дека тие веќе имаат подготвено урбанистичка планска документација за развој и на други туристички содржини кои дополнително ќе ја збогатат понудата. Во таа насока е и проектот што се реализира преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, а треба да биде финализиран за околу две недели. Вреден е нешто повеќе од 12 милиони денари, средства обезбедени од бирото за рамномерен регионален развој.