Дуално образование од следната учебна година во Македонија- средношколците ќе работат во текот на своето учење

Од следната учебна година, средношколците во Македонија ќе се образоваат според германско – австрискиот модел, или таканареченото дуално образование.

Ова го најави вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

„Средношколците ќе работат во текот на своето учење, па така и тие ќе имаат одреден приход", информира  Анѓушев.

Според него, со цел да се воведе германско австрискиот модел кој го предвидува ова, државата ќе мора да соработува со индустријата и со стопанските комори.

Со цел пак, да се задржи овде високо образовниот кадар, компаниите ќе добиваат субвенции. Анѓушев ова го соопшти на прес конференцијата по повод средбата што тој денеска ја оствари со домашните и странските инвеститори, и со претставници на компании кои се заинтересирани да инвестираат овде.

„За сите коишто имаат завршено високо образование во Република Македонија и сакате да ги вработите како инвеститор, за нив ќе имате посебни субвенции, но само под услов ако им дадете достојна плата. Ако дадете пристојна плата, во тој случај ќе ве субвенционираме".

Одговарајќи на новинарско прашање, што за него претставува пристојна плата, тој рече дека тоа е плата со која што ќе може во Македонија пристојно да се живее, а колку изнесува ќе изнесува ќе се знае во септември.