Донесен Деталниот урбанистички план за Долно Лисиче

По долг период на изработка и добиено позитивно мислење од сите надлежни институции, Советот на Општина Аеродром на седницата што се одржа вчера го донесе Деталниот урбанистички план што се однесува за поголемиот дел од населбата Долно Лисиче. На овој начин, се решаваат голем дел од комуналните и инфраструктурни проблеми на граѓаните од кои живеат во оваа населба и отвора можност за изградба на објекти од јавен интерес, информираше денеска градоначалникот на опптина Аеродром Тимчо Муцунски. 

Со усвојувањето на овој ДУП, Аеродром е една од првите општини што носи детален урбанистички план за рурални средини кој предвидува можност за легализација и изградба на објекти за индивидуално домување (индивидуални куќи). Истиот е резултат на ангажманот на општинските служби и решеноста на раководството на општината да затвори еден од најважните проблеми на граѓаните.

Со носењето на ДУП-от за овој дел од општината се отвора можност за легализација на веќе изградените објекти и изградба на легални објекти за индивидуално домување, како и регулирање на сопственоста на земјиштето, што пак е основ за забрзан инфраструктурен и економски развој на населеното место, велат надлежните. 

Носењето на планот значи и планско градење, подобра инфраструктура и истиот отвора можност за изградба објекти од јавен интерес како детска градинка и спортска сала, порача денеска Муцунски.