Додека партиите се препукуваат меѓу себе граѓаните страдаат

Вчерашната состојба во ЈСП не само што доведе до тензии во Советот на Град Скопје, туку и партиите меѓусебно си разменија остри тонови за тоа кој бил крив за состојбата во која се најде ова јавно претпријатије. И додека партиите се оправаат за тоа кој е крив а кој прав најмногу страдаат граѓаните на главниот град. По втор пат во историјата на Скопје и тоа во период од само неколку месеци скопјани останаа без јавен превоз. Причината беше неисплатени плати кон возачите на ЈСП за што овие беа приморани да ги остават автобусите во гаражите и да се упатат кон советот на Град Скопје се со цел да извршат притисок врз советниците конечно да ги изгласаат тие посакувани субвенции што ги бараше ЈСП, а кои за волја на вистината и не се малку- 11 милиони евра или речиси 10 % од вкупниот буџет на Град Скопје.

И нормално ова го искористи СДСМ каде во серија на соопштенија истурија обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ, кон Мицкоски за тоа како тие со нивното делување го доведоа ЈСП до состојба да не може да исплати плати на вработени. Од СДСМ посочуваат дека членовите на надзорните и управните одбори се од ВМРО и дека тие имаат информации од прва рака за тоа во каква состојба е претрпијатието.

Ставот на ВМРО е поинаков. Тие не сакаа да гласаат за субвенциите од причина што веќе биле изгласани субвенции за потешкотии при работењето во октомври месец. Од ВМРО-ДПМНЕ бараа транспарентност и отчетност за тоа каде отишле 2 милиони евра што биле изгласани тогаш а биле предвидени да се исплатат плати и за декември. За нив нелогично беше да се дадат на ЈСП 11 милиони евра и тоа на почеток на годината. Тие ја обвинија градоначалничката Данела и директорот на ЈСП за лошо менаџирање.

Од ГРОМ ги нападнаа советниците од ВМРО дека не им е гајле за луѓето што чекаат на минусни температури додека тие се внатре на топло и дискутираат за субвенциите. Од таму прашаа како не им е срам ова да им го прават и да ги остават без плата.

Градоначалничката Данела во нејзиното излегување ги нападна советниците од ВМРО-ДПМНЕ и посочи дека ова што им го прават на луѓето е класично изживување па дури и веднаш откако се изгласаа субенциите таа триумфално преку ограда излезе и на вработените преку ограда им ја кажа убавата вест.

И додека во Советот на Град Скопје буквално секој е против секого најмногу страдаат граѓаните и вработените во ЈСП. Политичките игри и препукувањата не вршат никаква корист и баш напротив предизвикуваат невидена штета по нормалното одвивање на животот во главниот град. Вчера илјадници граѓани не можеа да си отидат на работа, во болница, а децата каснеа за во школо после распустот. Дополнителен проблем предизвика и метежот што се направи во Скопје каде поради немање на соодветен јавен превоз со автомобили излегоа и граѓани кои вообичаено го корисат јавниот превоз.

Доволно е да ги прашате граѓаните и вработените што мислат за целиот овој судир што се случува во советот и ќе ви кажат дека само сакаат нивните избраници да си ја вршат работата за која и се избрани а тоа се да носат одлуки со кои квалитетот и услугите би го подобриле живеењето во главниот град.