Дете исчезнало од градинка, го нашле низ скопска населба

Група на родители испратија писмо до јавноста во кое тврдат дека на 20 јуни исчезнало дете од објектот „Темјанушка“ при градинката „Детска радост“ во Автокоманда, а подоцна било пронајдено низ скопската населба.

Родителите обвинуваат дека детето си заминало од објектот поради неажурноста и негрижата на вработена и бараат одговорност од надлежните служби.

- Вработената во градинката Р.П. од чија група детето избегало од страна на директорката Анета Петровска добила единствено усна опомена како мерка. Мајката на детето која е самохрана мајка е под притисок да не го објави случајот во јавноста и на истата и е понудено да плаќа помал месечен надоместок, а како дополнителна мерка детето е префрлено во друг клон на градинката, се вели во писмото на родителите.

Групата на родители имаат и две барања, а тоа е разрешување на директорката од страна на Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска под чија надлежност е сега градинката „Детска радост“, како и отпочнување на дисциплинска постапка за утврдување на одговорност на вработената во градинката Р.П. од чија група детето успеално да излезе надвор од објектот на градинката за време на престојот во неа. 

Родителите се загрижени и очекуваат поддршка за нивните барања од градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

- Чашата е прелеана. Доколку Министерката која во минатото покажа дека е недопирлива и се чувствува моќно поради власта која ја поседува и овој пат остане глува на нашите барања ќе следуваат конкретни мерки и чекори превземени од наша страна. Апелираме и до премиерот Димитар Ковачевски кој е родител да се стави барем на миг на нашата страна и да помисли какво е нашето чувство кога утрово сме ги оставиле во градинка, а незнаеме како и дали ќе си ги земеме, велат тие.

Нашата редакција „Скопје Инфо“ побара информација од Министерството за внатрешни работи (МВР) за случајот, а од таму ни одговорија дека таков случај не бил пријавен.