Денес ќе се трча HalkEco Скопје Трча 10КМ

Традиционалната трка HalkEco Скопје Трча 10КМ се одржува денес со почеток од 7:30 часот. Стартот и целта на овогодинешната десет километарска трка ќе бидат на улицата Илинденска, пред фонтаната Лотос. Оваа брза улична трка повторно ќе ги исполни скопските улици со спортски и позитивен дух.

Ќе се трча од стартот на булевар Илинден, во правец кон Карпош 4, па лево од улицата Никола Парапунов до булеварот Партизански одреди, каде што ќе се врти десно во правец кон Ѓорче Петров, а кај мостот Влајко ќе се врти полукружно на раскрсницата со Ангел Динев, потоа ќе се трча по булеварот Партизански одреди до раскрсницата со улица Љубљанска, каде ќе се врти полукружно и ќе се трча до раскрсницата со улица Никола Парапунов, по што ќе се трча до самиот крај на улицата и ќе се врти десно на булеварот Илинден, по кој ќе се трча до целта, кај фонтаната Лотос.

Трката ќе биде комплетно организирана според безбедносни протоколи и препораки утврдени од Владата и Комисијата за заразни болести, со цел заштита на учесниците и организаторите. Деталите за протоколите и препораките на трката се објаснети на следниот линк: https://www.skopje.run/page20.html?fbclid=IwAR3BH6ygGaNNZlXhEzfZ1XaE1g4OBzE72q6drhboXd-XYtaQag7OKIR2uZM

Сите учесници ќе мора да ги почитуваат протоколите, во спротивно нема да можат да ја започнат трката. Носењето на заштитна маска ќе биде задолжително цело време, освен за време на трката.

Организатор на трката е Сојузот на спортови на Скопје, заедно со Атлетскиот Клуб „Работнички“ од Скопје и насловениот спонзор HalkBank, а генерален покровител на трката е Агенцијата за Млади и Спорт на Р.С.Македонија.