Декември е можност да си ја накитиме и украсиме душата...

Ви се верува ли како брзо помина годината во која се случи сè и истовремено ништо не се случи? Еве, Нова Година е на прагот, а многу работи не се исти.

Но, декември е месец кога обично правиме рекапитулација на годината. Годинава нема баш убави работи за потсетување. Наместо да седиме дома и да размислуваме колку беше тапа годинава, ајде да си ја накитиме и украсиме душата...

Луѓето почнаа многу рано да ги китат елките затоа што сакаат да почувствуваат нешто убаво, во целото ова сивило. И сосема ги разбирам. И јас го направив истото. На сите ни треба малку убавина.

Е па, кога веќе го украсивме домот, ајде да си ја украсиме и душата.

Ајде да ги правиме работите кои нè прават среќни. 

Пуштете музика и играјте како да нема утре. 

Направете си пица и пуштете некој божиќен филм. 

Најдете некој добар рецепт за топло чоколадо, облечете новогодишна капа и играјте карти со домашните. Или монопол.

Кога сме веќе кај игри, од кога немате играно „Не лути се човече“? Зошто да не го направите тоа? Да се смеете на едниот лутко кој секогаш се појавува во овие игри.

Направете мали пакетчиња со чоколади за блиските, па и за себе.

Направете рачно изработени честитки, ќе се забавувате.

Овие работи нема да ви одземат многу време, но ќе ви ја исполнат душата. 

Кога целиот свет е сопрен и затворен, ајде да ја отвориме душата, ајде да ги сакаме луѓето повеќе. 

Да ги искористиме овие последни денови од годината и да имаме што да памтиме, да ја памтиме убавината на луѓето кои ги сакаме, да се забавуваме како што некогаш сме се забавувале, макар и затворени во своите домови. 

Душата ќе ви биде благодарна.