Блокада на граничните премини Богородица и Меџитлија

Грчките земјоделци од северниот и северозападниот дел на Грција, денеска, на неколку часа ќе ги затворат граничните премини Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија) кон Македонија извести МИА.

На Богородица протестот се очекува да почне околу 12-12.30 часот по македонско време и во периодот додека трае протестот ќе биде блокиран сообраќајот на граничниот премин на неколку часа додека граничниот премин Меџитлија ќе биде затворен во периодот од 11 до 15 часот по македонско време.

Причината за денешните интензивирани активности на земјоделците во Грција е состанокот во Брисел на министрите за земјоделство на Европската Унија на кој ќе се дискутира за новата заедничка земјоделска политика.

Во изминатите денови, по големиот протест во вторникот во Атина, кога земјоделците одлучија дека секој блок посебно ќе ги одреди своите чекори, оние од северна Грција остануваат најактивни и секојдневно во периодот меѓу 20 и 22 часот по локално, односно меѓу 19 и 21 часот по македонско време периодично го затвораат граничниот премин Евзони (Богородица), како што беше случај и вчера.

Претседателот на земјоделското здружение од областа Пеониа, Томас Карипидис, кој воедно и ги предводи активностите на граничниот премин, во разговор со дописничката на МИА од Атина вчера рече дека на Евзони се паркирани околу 100 трактори и пет комбајни и објасни дека за денеска е планиран „голем земјоделски собир на граничниот премин“, што според него ќе започне околу 13-13.30 часот и ќе заврши во зависност од тоа колку говори ќе има, „но сигурно ќе трае два-три часа“.

Земјоделците веќе над еден месец се активни во цела Грција и бараат од Владата да ги исполни сите нивни барања поврзани со зголемените трошоци за производство, а иако на средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис пред речиси две седмици им беа соопштени дополнителни мерки, изразија незадоволство и продолжија со активностите, кои кулминираа со големиот протест во Атина.