Бесплатниот превоз во ЈСП и годинава единствена мерка против загадувањето

Додека скопјани се гушат а мерачите не работат, властите повторно најавуваат мерки за следната година.  Новите автобуси и еко налепниците за возила се очекува да бидат реализирани во 2019 година.

 

Во деновите кога ќе биде надминат дозволениот праг на загадување, Шилегов најави дека автобусите повторно ќе бидат бесплатни за граѓаните.  Но, за да се ограничи движењето во сообраќајот тој нема ингеренции и ќе бара  интервенција од министерот за внатрешни работи. Во меѓувреме ќе бидат вработени нови комунални инспектори и ќе се изрекуваат казни.

По вчерашната презентација на предлог државниот буџет за 2019, од О2 побараа оставка од Владата бидејќи не биле предвидени средства за намалување на загадувањето.

- После година и пол од формирање, две години од изборите, оваа Влада комплетно потфрли и не го спроведе она што го вети во областа на животна средина.

Како итни реформски приоритети во првите 6 месеци, требаше  да се воспостави Фонд за животна средина, во кој директно ќе се слеваат средствата добиени од такси за животна средина. Не само што не се оствари ова ни после година и пол, туку со минатонеделниот ребаланс на буџетот за 2018 се скратија над 2 милиони евра за заштита на животна средина.

Буџетот ќе биде разгледуван утре на владина седница. За прв пат велат ќе биде отворена посебна програма за животна средина и во новиот државен буџет ќе бидат обезбедени повеќе средства за животна средина.