Аеродром и Центар ќе светнат пред Нова Година, остатокот од Скопје веројатно ќе остане во мрак

Додека соседните градови блеснуваат во предноводишната атмосфера, а дел од скопските општини ги прават плановите за почеток на новогодишната декорација, Градот Скопје и понатаму молчи за своите планови за празничната прослава. На еден месец пред дочекот на Новата година, се уште нема никаква информација за тоа дали градот ќе биде новогодишно украсен и какви се плановите за новогодишната прослава.

Додека градовите во близина ги започнаа своите сезонски трансформации, украсувајќи ги улиците со празнични светла и откривајќи возбудливи програми, тишината и мракот во Скопје се доволна причина за шпекулации за плановите на градската администрација поврзани со оваа тема.

Традиционално, новогодишната прослава во Скопје е во фокусот на скопјани и на туристите, секоја година привлекувајќи голем број луѓе на скопскиот плоштад. Сепак, отсуството на официјални информации ја доведува во прашање годинешната прослава.

Додека градот спие, Аеродром и Центар ги започнаа подготовките

По примерот на светските метрополи кои посветуваат внимание на новогодишното украсување, општините Центар и Аеродром ги започнаа подготовките за декорирање на локалните улици и паркови.

Општина Центар ќе постави новогодишна 9-метарска на „Сквер Јадран“, а просторот ќе биде украсен со светлосна мрежа од ЛЕД-светилки и осветлени фигури. На „Боемска 1“ и „Боемска 2“ ќе биде поставена деветметарска елка, осветлена со ЛЕД-светилки, а улиците ќе бидат украсени со светлосна мрежа во облик на ѕвездено небо, дополнително ќе бидат поставени светлосни фигури на бандери. Долж улиците ,,Орце Николов’’, „Михаил Цоков’’  ќе биде поставено украсно осветлување, ѕвездено небо и светлосни фигури.

Ќе бидат украсени и скверот пред општината и општинскиот двор. На скверот пред Општината ќе биде поставен и забавен парк за најмалите, а ќе бидат поставени и дрвени куќички на кои ќе има новогодишен базар.

– На улицата „Народен фронт“ ќе биде поставен портал на алуминиумска конструкција, украсен со светлосни елементи, ќе бидат поставени и светлосни фигури. На Сквер „Капиштец“ ќе биде поставена елка во висина од 9 метри, а просторот ќе биде накитен и осветлен новогодишно.  И во парк „Капиштец“ ќе биде поставена новогодишна елка, мрежно осветлување и светлосни фигури – велат од Општина Центар и нагласуваат дека ќе се украси и кружниот тек на улиците „Антоние Грубишиќ’’, „Пиринска’’  и „Н.Н.Борче’’ со поставување столбна елка висока најмалку 4 метри, светлосни фигури во вид на цвет, кружниот тек и оградата ќе бидат осветлени со мрежа од светилки. Воедно, се прават подготовки и за централната новогодишната забава, а Општина Центар е во преговори со домашни естрадни имиња.

Од Општина Аеродром соопштија дека новогодишното украсување вклучува поставување и украсување на централна новогодишна, украсување на четири помали новогодишни елки, поставување светлосна фонтана и светлосен тунел, како и украсување со новогодишни украси и светилки на неколку локации во општината.

– Согласно плановите на општината, новогодишно украсување ќе биде поставено на парковите „Јане Сандански“, „Тоше Проески“, „Бановина“, „Мичурин“, „Бисер“, „Палма“ и паркот „Авионче“, како и улицата „Островска“ и кружниот тек на улицата „Коста Новаковиќ“ – потенцираат од оваа локална самоуправа.

Дополнително, општината подготви и предновогодишен настан кој ќе трае три дена, а на кој ќе настапат домашниот и регионални музички артисти.

– Со новогодишното украсување Општина Аеродром го следи примерот на модерните европски градови, каде со новогодишните декорации и светилки се означува почетокот на новата година. Очекуваме, новогодишното украсување и предновогодишниот настан да донесат празнична атмосфера во Аеродром и да бидат причина за радост и среќа кај граѓаните кои живеат тука – заклучија од локалната самоуправа.

Белград ќе блесне на 15 декември, декорирањето е во полн ек

Поставувањето на новогодишните светилки во Белград започна на 15 ноември, а ќе се вклучи кога ќе завршат сите украси. Според досегашниот информации градот ќе блесне на 15 декември, а декорацијата ќе остане до 15 јануари.

Што се однесува до локациите, како и претходната година, ќе бидат уредени само централните градски улици и тоа во иста мера. Планирано е празнично осветлување да ги украси централните улици на градот, платоата, парковите, булеварите и плоштадите.