Знаете ли во кој македонски град се вози најнебезбедно?

Во текот на мај 2023 година сообраќајните полицајци од Тетово откриле и законски санкционирале 1996 сообраќајни прекршоци или 475 повеќе во споредба со истиот период лани. Прекршоците се откриени во рамките на дваесетина редовни и засилени акциски контроли.

-Во мај, од сообраќај биле исклучени и 243 возачи, од кои 139 управувале без возачка дозвола, 56 под дејство на алкохол, 22 возачи-почетници кои не се придржувале на законските ограничувања за оваа категорија возачи, 18 со важечка забрана за управување и 8 со несоодветна категорија. Времено биле одземени седум возила со истечена регистрација повеќе од шест месеци и поради бучавост, 84 возачки  и 23 сообраќајни дозволи, додека тетовската „пајак-служба“ во овој период вкупно подигнала 458 непрописно, односно погрешно паркирани возила, најмногу во централното  подрачје на Тетово, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Во контролните активности, реализирани минатиот месец, а поради констатирани прекршоци, односно недостатоци, од сообраќај билe исклучени 32 возила, од кои 26 поради истечена регистрација до и над 30 дена и шест поради техничка неисправност.