Жителите на Ѓорче Петров не сакаат нови фасади и кровови - пристигнати се само 20 апликации на јавниот повик

Само 20 апликации се пристигнати до општина Ѓорче Петров на јавниот повик за субвенционирање и поддршка на станбени згради за колективното домување со проектот „Енергетски ефикасни домови“.

Ова претставува многу слаба заинтересираност со оглед на фактот што, според регистарот на згради кој општината го направи со Хабитат, на територијата на Ѓорче Петров има околу 250 згради, а половината од нив, или 125 згради, може да влезат во проектот „Енергетски ефикасни домови“.

– Комисијата овие два дена ќе изврши евулација, по што ќе се знае точниот број на оние што ќе добијат средства за старт на процесот, доколку ги исполнуваат условите – велат од општина Ѓорче Петров.

Целта на јавниот повик беше општината од својот буџет и Хабитат, преку субвенции и евтини кредитни линии да им помогнат на граѓаните за изградбата на енергетско ефикасни фасади и покриви на згради.

Условите за добивање на субвенција кои беа пропишани во јавниот повик, предвидуваат општината да партиципира со 30 проценти од вкупната вредност инвестицијата за секоја одобрена апликација, но не повеќе од 1.000.000 денари.

Право на учество на јавниот повик имаа сите Заедници на сопственици или Управители на станбени згради за колективното домување во Општина Ѓорче Петров кои се евидентирани во регистарот на станбени згради во општината и немаат долгови.

– Доколку има подготвени објекти кои имаат сменето 70 проценти од прозорците и ги исполнуваат другите услови може веднаш да се започне со постапката за субвенционирање – вели градоначалникот Александар Наумоски.