За дочек на Новата година, за аранжмани во светските метрополи Македонците трошат и над 1.000 евра

Дел од македонските граѓани веќе ги спакуваа куферите и заминаа во некои атрактивни туристички дестинации, за дочек на Новата 2019 година.

Како што велат туристичките работници, и годинава граѓаните се поделија околу изборот, кој, секако, зависеше од нивниот џеб, оти имаше цени од 100 евра до 1.000 евра.

За дочекот на најлудата ноќ поевтините беа аранжманите за престој во соседните земји, а другите поскапи главно се однесуваат за патувања во европските метрополи.

На списокот се најдоа традиционално градовите Солун, Атина, Белград, Нови Сад, Златибор како зимска идила, Будва, Дубровник, Софија, Банско, Букурешт или Будимпешта.

Кај поскапите аражмани интересот е поголем за Рим, Милано, Истанбул, но и Анталија и Аланија, потоа Париз, Барселона, Дубаи, Краков и Прага, Лондон, Амстердам, Истанбул, Москва, Азурниот брег …

Што се однесува за цените тие за поблиските балкански метрополи се од 100 до 300 евра, бидејќи најчесто патувањето е со автобус, а за подалечните дестинации и авионски, но цената е повисока и достигнува околу 500 евра. Во дел од овие аранжмани дочекот на Новата година и свечената вечера е вклучен, а таму каде што се доплатува тоа чини дополнителни од 30 до 50 евра.

Туристичките работници велат дека годинава граѓаните како да се поделени, или бараат евтино да поминат или се заинтересирани за поскапите, луксузни патувања.

Тие потсетуваат дека патничкото осигурување е задолжително. Туристите треба да имаат предвид дека при резервацијата неопходен е и бакшишот за локалниот водич и шоферот во висина од 20 евра по лице.

Оние што сакаат и во зимски услови да уживаат покрај сините морски води и да пијат новогодишен шампањ се пакуваат да заминат за Будва, Дубровник, Солун, Атина…

На оние, пак, на кои не им пречат студените зимски ноќи и минусните температури, можат да ја почувствуваат руската зима, како и убавината на божиќните празници на Црвениот плоштад во Москва. Слична е понудата и во еден од најубавите градови во светот, Санкт Петербург, но за овие уживања треба да одвоите малку повеќе бидејќи аранжманот за едно лице е околу 700 евра. Посетата на Русија ќе ви овозможи и да уживате во високата уметност, раскошната архитектура, но и опуштена атмосфера во таканаречен див ноќен живот збогатен со популарната вотка.

Добар дел од нашите сограѓани Новата година ќе ја дочекаат во балканските спа и скијачки центри како Копаоник, Врњачка Бања и Соко Бања, како и Банско, Боровец и Сандански. Овие цени се популарни и се движат од 150 до 250 евра по лице.

Дел од понудата за дочек на Новата година се и македонските хотелски сметувања во Охрид, Струга, Пелистер, Кратово, Берово и Маврово. Оние што претпочитаат да бидат во сопствената држава, во зависност дали се заинтересирани за две или три ноќевања, но и за услуга од пониска или повисока категорија по лице одвоиле од 100 до 400 евра.