Водно ќе биде затворено за возила и ќе има 24-часовна патрола, предвидува Арсовска во својата програма

Откако денеска,организацијата за зашита на животната средина „Го сакам Водно“ ги повикаа кандидатите Петре Шилегов и Данела Арсовска не само да се обврзат, туку и да направат чекор повеќе кон Водно како гаранција дека нивните намери за вистински и целосно заштитено Водно се искрени, погледнавме што предвидува програмата на независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје Данела Арсовска.

Во однос на ова подрачје на Скопје Арсовска го предвидува проектот „ЛУПА НА ВОДНО“. 

-Со овој проект се има за цел да се даде 24-часовно внимание на белите дробови на Скопје. Ќе се започнат низа активности за негова заштита. Имено во низата активности се предвидуваат и следните: со изградба на жичницата од Скопје до Средно Водно и квалитетен јавен превоз, предвидуваме затворање на Водно за возила. Воведуваме 24 часовна патрола на Водно, подигање на нивото на заштита на Водно кое со децении не е направено, како и заштита на шумското и природно богатство, се вели во предизборната програма на Арсовска. 

Инаку, Арсовска во однос на својот зелен план за Скопје предвидува годишно да се садат 100 000 квалитетни садници на автохтони видови дрвја годишно, наменети за пошумување на однапред утврдени реони во пошироката околина на градот.

-Ќе предводиме и организираме пролетни и есенски акции за пошумување со вработените во градската администрација и сите градски претпријатија, училиштата во градот, партнерските граѓански организации, општествено одговорните компании и сите заинтересирани граѓани. Скопје повторно слободно ќе дише!, рече таа во текот на кампњата.