Внимавајте: За возење во влечки ќе ве казнат со 50 евра во Грција

Граѓаните на Македонија се подготвуваат за летниот одмор, а дел од нив повторно ќе бидат гости кај нашиот јужен сосед. Доколку патуваат со автомобил, тогаш треба да ги знаат казните кои се предвидени за прекршоци.

На порталот „Грчка инфо“ беа објавени цените за прекршоци, а тоа што е важно да се знае е дека полицијата има право да им ги одземе регистерските таблички на тие кои не паркираат според прописите.

За возење со влечки се предвидува казна од 50 евра, а доколку се користи мобилен телефон додека возите, ќе си платите санкција од 100 евра.

Возењето без појас чини уште повеќе, односно 350 евра, а за поминување на црвено светло се добива казна од 700 евра и следи тужба.

Доколку се надмине брзината до 20 км/ч треба да платите казна од 100 евра, а ако ја надминете брзината над 50 км/ч следи санкција од 350 евра и исклучување од сообраќај во рок од 60 дена.

За возење под дејство на алкохол над 0,5 промили, следи казна од 200 евра и можно исклучување од сообраќајот.