Владата конечно ја презеде Универзална сала од Град Скопје, Министерството за култура ќе ја води реконструкцијата

Владата на Република Северна Македонија конечно ја презеде Универзална сала од Град Скопје, откако градоначалничката Данела Арсовска не сакаше да се продолжи со реконструкцијата. По една година натегање со Владата и иницијативи на советниците, на последната седница на Советот на Град Скопје, со мнозинство гласови, одлуката за преземање на концертната сала беше изгласана.

„За“ гласаа 26 советници на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, против беа само од Левица и еден советник беше воздржан. Со оваа одлука правото за реконструкција, доградба и надградба на салата се пренесува на Министерството за култура, а откако ќе биде направена, повторно ќе се врати во надлежност на Град Скопје.

Сега Министерството треба да ја заврши првата фаза која ја почна екс-градоначалникот Петре Шилегов, односно реконструкција на надворшеноста за што веќе има пари и избран е изведувач. Втората фаза предвидува реновирање на внатрешноста на салата Универзална сала не работи 7 години.

Почна да се реновира во септември 2021, но по доаѓањето Арсовска градежните работи беа прекинати. Таа го обвини минатото раководство дека е виновно што концертната сала не се гради како и дека е небезбеден проектот.