(Видео) Експлицитни навреди за возраста кон Силјановска на митинг на СДСМ

Недоличен коментар кон претседателската кандидатка Гордана Силјановска на синоќешниот митинг на СДСМ во Куманово. 

На социјалните мрежи се појави и видео. 

- Многу ниско од Пендаровски што нарачува ваков јавен говор на омраза кон Проф.Силјаноска, преку омаловажување на жената преку возраста. И кога очекуваш изборен пораз, треба да бидеш достоинствен и човечен. Борбата за рамноправност меѓу жените и мажите не е само парола, порача еден корисник на „X“ платформата. 

По овој повод се огласи и портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска. 

- По повод коментарот на еден од присутните на митингот на кандидатите на претседател во Куманово, сакам да бидам транспарентна и искрена кон целата јавност. Пред сѐ, поради масовноста на митингот за жал не успеав целосно да го слушнам коментарот на еден од учесниците и да го спречам. Тие кои ме познаваат и како поддржувачи на партијата на којашто сум гласноговорник, но и од сите други политички партии, знаат дека остро ги осудувам коментарите кои се навредливи за жена и знаат дека сум гласна во борбата против говор на омраза кон жените. Така е и во овој случај. Коментарот е недоличен, навредлив и го осудувам. Ниту претседателот Пендаровски ниту јас не го поддржуваме коментарот, напиша таа на социјалните мрежи. 

Кузеска беше прозвана и од нејзината колешка од ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева. 

- Колешке Кузеска, ја слушнавте навредата и со насмевка на лицето го земавте микрофонот, па се прашувам како прво Ви дојде да кажете "мислам дека тоа е се" наместо да осудите? Разочарувачки, многу неочекувано дека како жена нема прва да замолите да ги оставиме навредите на страна. Од Стево да бидам искрена не ни очекував реакција, ми делува дека ликува на овие работи, порача Митева.