Велковски: Инспекциските служби ќе проверуваат дали децата во градинките се вакцинирани против голема кашлица

Инспекциските служби ќе вршат проверка во градинките каде нема вакцинирани деца со ДиТеПер вакцината и ќе интервенираат се со цел да се спречи поголема епидемија на голема кашлица кажа Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски

- “ Од Комисијата за заразни болести има заклучоци и истите треба да бидат одобрени на владина седница. И во закон стои дека секое дете кое што нема примено одредена вакцина не ќе може да биде дел од системот на детска заштита. Ќе ги провериме градинките и нашите инспекциски служби ќе видат каде треба да интервенираме за тоа да биде пракса и за да го спречиме ширењето на оваа епидемија, барем во Скопје како жариште во овој момент“, рече Велковски.

Инаку денес има нови 4 потврдени случаи на голема кашлица. Комисијата за заразни болести вчера препорача прогласување епидемија во Скопје откако беа потврдени 14 случаи во главниот град.