Вапцавте ли јајца? Колку оваа традиција ја почитуваат денешните млади домаќинки?

Денеска рано наутро пред изгрејсонце, домаќинките ги бојадисуваат првите велигденски јајца. Најпрво каснуваат малку леб, се вртат кон исток, се прекрстуваат и ги бојат првите три црвени јајца. Колку оваа традиција ја почитуваат денешните млади домаќинки?

-Секоја година на Велики Четврток бојадисувам три јајца. Не ми е тешко да станам пред изгрејсонце и да го направам овој адет кој со години го правеле мојата баба и мајка, вели Бети (30 години) од Влае.

Првото јајце, божјаче, откако ке се бојадиса се остава да го „фатат“ првите зраци од сонцето, а потоа се будат децата и со него на лицето им се прави „Црвено-бело“. Божјарчето се чува цела година, до наредниот Велики Четврток, и само ова јајце не скапува!

-Немам навика да го правам овој адет. За оваа работа е задолжена свекрвата, таа вапса три  јајца, и на дечињата пред да заминат во училиште им прави „Црвено-бело“ по лицето, кажува Симона (36 години) од Ѓорче.

Велики Четврток — ден од Страдалната Седмица. Според источното христијанство тој е шестти ден од Страсната Седмица, односно пет дена по Лазаровата Сабота и четири по Цветници. А според западното христијанство тој е петти ден од страсната седмица, односно четири дена по Цветници. На овој ден се прави спомен на светото миење на нозете, Тајната вечера, предавањето на страшните тајни, Првосвештеничката натприродна молитва, и самото предавство на Христос.

-Во мојата фамилија, овој адет  не се почитуваше, само во сабота се бојадисуваа јајца. Кога се омажив јас почнав да си ја почитувам оваа традиција. Пред работа станувам и си фарбам јајца, вели Снеже (41 година) од Аеродром.

Останатите јајца може да ги бојадисуваат во сабота во различни бои и на различни начин.

-Од пред 5 години почнав сам да вапсам јајца мајка ми почина останав сам.На почетокот ми изгледаше малку чудно мислев дека е нешто тешко, но се радувам на овој празник, веднаш ја совладав техниката и без проблем сега овој адет го терам сам додека не се оженам вели Сашко (33 години) од Лисиче.

Кои се значењата на боите на велигденските јајца:

Црна – вечност

Жолта – светло, среќа

Црвена – божествена љубов, надеж

Кафена – среќа

Бела – чистота, невиност

Портокалова – издржливост и сила

Зелена – раст

Виолетова – надеж и вистина

Сина – здравје.