УНИЦЕФ: Македонија е втора во Европа по смртност на доенчиња

Канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија апелираше до политичките лидери и до сите граѓани да создадат општество кое им одговара на децата, по повод Светскиот ден на детето – 20 ноември, пишува СДК

„Според најновите податоци со кои располагаме Македонија е втора во Европа по смртта на доенчиња, 28 отсто од децата живеат во сиромаштија, само 1 од 300 сиромашни деца во земјата посетуваат предучилишно образование, а 2 од 3 деца одат во средно училиште. Постои итна потреба да се подобри училишниот успех на децата зашто според податоците што ни се на располагање од меѓународните тестови, како Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА), Македонија е на 67 место од 70 земји“, вели Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.

Од канцеларијата на УНИЦЕФ велат дека податокот за стапката на смртност на доенчиња во Македонија го преземаат од официјалните статистички податоци на Еуростат, каде последните податоци се за 2016 година. Според овие статистички податоци по стапката на смртност на доенчиња Македонија е веднаш зад Молдавија, односно во земјава едно од 120 новороденчиња умира.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика бројот на мртвородени бебиња, како и на починати доенчиња е намален, но од УНИЦЕФ велат дека во споредба со останатите земји стапката на смртност и натаму е висока.

„Сигурни сме дека со новите реформи што ги усвои Владата, а кои ги поддржуваат ЕУ, Светската Банка, УНИЦЕФ и други партнери на ОН, како и граѓанското општество, ќе се подобри состојбата на децата во земјата. Во нив спаѓа целта да се зголеми опфатноста на децата во предучилишно образование за 50 отсто, Акцискиот план за секое новороденче, со кој треба да се намали смртноста на новороденчињата и да обезбеди сите бебиња да опстанат и да се развиваат, воведувањето мерки за унапредување на основното и средното образование и реформа на системот за социјална заштита, за да се најде подобро решение за детската сиромаштија“, вели Перкс.