Три пати неделно со „Виз ер“ до Салцбург, за секој патник компанијата ќе добива 7 евра од државата

Нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“ од први април воведе летови од Скопје до австрискиот град Салцбург, Летови ќе има три пати во неделата односно во понеделник, среда и петок.

„Оваа нова рута ќе ја подобри поврзаноста меѓу Македонија и Австрија. Со започнувањето на оваа авиолинија ‘Виз ер“ ја покажува својата посветеност на проширување на својата мрежа, поврзувајќи ги патниците со возбудливи дестинации, притоа давајќи приоритет на поволните цени во комбинација со висококвалитетната услуга во авионот“, се вели во соопштението на компанијата.

И оваа линија на „Виз ер“ е субвенционирана од страна на Владата, а за оваа услуга државава ќе плати 7 евра по патник субвенции за заминување од Меѓународен аеродром Скопје.