Субвенции за материјали за реконструкција на фасади на станбени згради, поправка на лифтови, пелети и печки на пелети во Кисела Вода

Општина Кисела Вода денеска објави четири јавни повици за субвенции кои на жителите ќе им обезбедат финансиска поддршка за набавка на печки за пелети, пелети како енергенс, за кофинансирање при набавка на термоизолациски материјали за реконструкција на фасади на станбени згради, како и за поправка и санација  на постоечки лифтови  во станбени згради на подрачјето на општината.

Вкупниот износ за  четирите различни субвенции што ги обезбеди локалната самоуправа изнесува 3.600.000 денари. Од нив, како што информираат од Општината, два милиона се предвидени за кофинансирање при набавка на материјали за реконструкција на фасади (600.000 денари),  за поправка на лифтови, додека по 500.000 денари се наменети за пелети и за печки на пелети. За  субвенцијата за набавка на термоизолациски  материјали и  реконструкција на фасади на станбени згради за колективно, можат  да аплицираат заeдниците на сопственици или управители на станбени згради за колективното вдомување, чии станбени згради се изградени пред 2010 година.

Јавниот повик ќе трае 60 дена од датумот на објавување, а локалната самоуправа финансиски учествува со парични средства во висина од 60 отсто од вредноста.

Врз основа  на финансиската поддршка за поправка и санација  на постоечки лифтови, како што велат од Општина Кисела Вода,  во станбени згради, Општината ќе учествува со средства во износ од 30 отсто  од вредноста. Право на учество имаат сите влезови  кои поединечно имаат регистрирано  заедница на сопственици на станови или имаат избрано управител на станбените згради. Јавниот повик ќе трае најдоцна до 31.10.2023 година.

Ќе се субвенционира набавка на печки за пелети, во износ од 50 отсто  од вредноста, но не повеќe од 20.000 денари.

Како новитет, оваа година ќе се  субвенционира и набавка на пелети како енергенс, во износ од 50 отсто од вредноста, За добивање на ваква субвенција е потребна изјава заверена на нотар дека се работи за индивидуален станбен објект, кој не е поврзан на градско парно и за кој нема искористени субвенции за набавка на пелети.  По овој основ се  поседува и печка на пелети за истиот објект, како и доказ дека е извршено купувањето на пелетите, од 01.01.2023 година до завршување на јавниот повик.