Стевчо Јакимовски и Катица Јанева на црната листа на САД

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски од денеска се ставени на црната листа на Американскиот Стејт Департмент. По повод означувањето, од Стејт Департментот велат дека двајцата со нивните дејствија го поткопале владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции.

„Како поранешен шеф на специјалното обвинителство, Јанева беше вклучена во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на нејзиното политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Има кредибилни информации дека Јанева барала и примила мито за да влијае на обвиненија под нејзина надлежност“, се вели во соопштението на Стејт Департментот.

За Јакимовски се вели дека „како градоначалник на Карпош бил вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичкото планирање и јавните набавки за корист лично за него и за неговите соработници“.

САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, гранка на владата или заедница, објави американската амбасадорка Анџела Агелер по објавата дека поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски се ставени на црната листа на САД за корупција.

„Денешните ознаки на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и актуелниот претседателски кандидат и градоначалник Стевчо Јакимовски никого не треба да изненадуваат. Соединетите Држави ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, огранок на владата или заедница што е вклучена во значителна корупција. Народот на Северна Македонија заслужува правда и одговорност од нивните институции за да се запре бранот на криминално однесување и да се запре ракот на корупцијата“ порача Агелер.

Освен, Јакимовски и Јанева, Стејт Департментот ги стави на црна листа и двајцата возрасни синови на Јакимовски и синот и сопругот на Јанева. На сите нив им е забранет влез во САД.