Соработник на Арсовска најави заминување од Град Скопје, а обвини и дека бил натепан: Со Али Ахмети мене не можат да ме спојат ниту милијарди

Умејр Муамеди кој себеси се претставува како близок сорабтник на скопската градоначалничка Данела Арсовска, прво објави дека повеќе нема да биде дел од нејзиниот тим, а потоа и дека бил натепан. Сето ова се случуваше со неколку часа разлика од еден до друг објавен статус.

Тој закажа и прес-конференција пред Град Скопје, каде работел, за да ги сподели сите докази – од напаѓач до нарачател. Соработката со Арсовска, тврди дека ја раскинува бидејќи таа соработува со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Откако, како што тврди, бил нападнат, објави и фотографија.

- Пред 20 минути бев физички нападнат. Мојата безбедност е сериозно загрозена. На 100 метри од мојот дом се деси ова. Барам од Данела Арсовска да се изјасни, објави Муамеди и ги повика МВР, Амбасадта на САД и Делегацијата на ЕУ да реагираат.

За неговата состојба се изјасни во посебна објава.

- Моментално сум во добра состојба, се наоѓам во државна болница, случајот е пријавен во полиција, напаѓачот ме нападна со зборовите зошто пишуваш против Данела. Утре ке го пријавам во сите амбасади. Одговорност мора да има, додаде Муамеди.

Пред нападот, претходеше статус во кој тој напиша: „Со Али Ахмети мене не можат да ме спојат милијарди а не 60.000 денари, бидејки имам принципи“, а со кој обзнани дека соработката со Арсовска е завршена.

- На Данела Арсовска сакам да и се заблагодарам за можноста што ми ја даде на само 21 година да бидам нејзин соработник и советник. Притисоците од ДУИ и СДСМ кон Неа за мое дистанцирање беа очигледни и дојде моментот што јас да треба да земам плата а да не сработам ништо (нешто што не ме карактеризира како човек). Моите антипредавнички ставови и моето вклучување во протестите беа причина плус. На Градоначалничката и посакувам многу здравје и успешна работа. Со Али Ахмети мене неможат да ме спојат милијарди а не 60.000 денари, бидејки имам принципи. Мојата поддршка нема да ја замени никој, бидејки беше искрена. На сите Вас што ми давате поддршка Ви благодарам од срце. Нема да Ве разочарам никогаш. Македонија пред се!, додаде Муамеди.