Во рамките на проектот „Clean AirDrom – нула цврст отпад“ кој со поддршка на Европската Унија и Швајцарската агенција за поддршка и развој се спроведува во Општина Аеродром, денеска во хотелот „Хилтон“ се одржа јавен настан за проектот и форум за можностите и предизвиците на јавно-приватното партнерство, информираат од Општина Аеродром.
На настанот присуствуваа и свое обраќање имаа амбасадарот на Европската Унија, Дејвид Гир, заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски и градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски. Целта на проектот, во рамките на програмата „ЕУ за општините“ е следејќи го успешниот пример на општина Љубљана од Словенија, да се воспостави систем за ефикасно управување со цврстиот отпад и да се зголеми свеста кај граѓаните за важноста на рециклирањето на отпадот во Аеродром.
Градоначалникот Муцунски во своето обраќање најави дека во следниот период Општина Аеродром ќе биде иницијатор на меѓуопштинска соработка и поддршка за сите општини и јавни комунални претпријатија со цел да се преслика заеднички европски модел за управување со отпад во Скопје и целата земја.
-Тие ќе имаат можност заедно со Општина Аеродром да ги учат најдобрите практики и да ги применат европските искуства во воведувањето ваков систем и со тоа да станат дел од „Зелениот договор“ кој е имплементиран од страна на Европската Унија и кој повикува на насоченост и кохерентност на европските политики кон одржливиот развој - истакна градоначалникот Муцунски во воведното обраќање на настанот.
Амбасадорот Гир нагласи дека нашата земја како кандидат за членство во Европската Унија се соочува со големи предизвици, а еден од нив е и заштитата на животната средина, во чиишто рамки влегува и управувањето со отпадот, што е еден многу комплексен процес. Тој потенцираше дека ова бара огромен труд и финансиски извори, па токму затоа Европската Унија помага како на државно, така и на локално ниво.
-Силно ги охрабруваме централната и локалната власт меѓусебно да соработуват и да ги искористат сите можности. Исто така и приватниот сектор има клучна улога во процесот на рециклирање, за што треба да се олесни законската процедура. Не само што станува збор за зачувување на здрава и чиста животна средина, а ваквите инвестиции имаат голема улога и во создавањето нови работни места и можности. Секој еден од нас е дел од еден интегриран систем за управување со отпад“ - истакна евроамбасадорот Дејвид Гир, цитирајќи го слоганот во кампањата на Делегацијата на ЕУ „Чисто како дома исто“.
На настанот кој е поделен на неколку теми се вклучија голем број експерти по овие прашања, присуствуваа преставници на невладините организации „Гоу Грин“ и „Омниум Коуч“, општината Љубљана од Словенија, комуналното претпријатие „Вока Снага“ од Љубљана, преставници на приватните компании и останати партнери кои се вклучени во проектот.
-Справувањето со отпадот мора да биде дел од системско решение, да се селектира отпадот уште во самите домаќинства и да се изградат капацитети за негово рециклирање. Тоа се разбира најмногу зависи од финансиската состојба со која се соочуваат општините, особено поголеми градови како што е Скопје, односно јавните комунални претпријатија - изјави заменик министерот Димитровски.
Денешниот настан е еден од низата настани поврзани со проектот „Clean AirDrom“ што Општина Аеродром ќе ги организира и во иднина, а е поддржан од Европската Унија, Швајцарската агенција за обнова и развој и Министерството за локална самоуправа, а кој во иднина ќе придонесе за подигнување на свеста кај граѓаните и обезбедување здрава и чиста животна средина. Граѓаните заедно со локалната самоуправа ќе можат да дадат свој придонес во воспоставување систем за селектирање и ефикасно справување со отпадот, се наведува во соопштението на Општина Аеродром.